… се како недовршени колачиња. Поминал интересниот дел, досадиле, сте ги оставиле за подоцна. А како повеќе стојат толку повеќе се сушат. И да ги дојадете, тоа ќе биде „зорле“.
Јас имам една недовршена работа. Требаше да му се јавам на еден драг пријател, да договорам една средба поврзана онлајн содржина. Но предобриот, тивкиот, несебичниот Николче Гајдов починал. Многу пред своето време. Замина тивко како што и живееше. Неговите документарци, енергија за културната преродба на градот, желбата да разговара за интересни теми буквално со часови… Сето тоа заврши.
И кога човек е тивок, нема да осетиш колку ти бил близок и недостигал се додека навистина не си замине.
Имав многу интересни идеи заедно со Николче. Сакавме еден ден да започнеме наша приватна продукција за нови медиуми. И тоа најмалку заради парите, а најмногу заради љубовта кон создавањето.
Ова е најголемото недовршено колаче во мојот досегашен живот. Не дека останатите проблеми се мали, но барем има време да се средат и надминат.
Пријателе не жалам по тебе, биди среќен онаму кај што си. Не сакав да пишувам за ова, навистина… Ми тежи секој ден, се повеќе. Морав да кажам колку многу те почитував.