Нови ЦД и ДВД изданија
Добар пример како може да се продаде легален и евтин производ се новите изданија на познати македонски автори и странски ДВД филмови вон вообичаената диск+весник техника по цена од 100 - 250 денари. Се наредија прилично, а уште повеќе следат. Мразот го скршија изданијата на српскиот Сити Рекордс, а традиционално конзервативните претприемачи во МК пуштија нога…
Само по себе, ова е супер за сите (освен пиратите). Но има барем две „дупки“ во овој ем-легален-ем-евтин производ. Прво, потребни се масовни тиражи за да се постигне соодветна цена и барем маалечок профит (барем неколку десетици илјади). Ова значи дека ем треба да имаш 50000 евра за да испечатиш толкав тираж ем треба да бидеш сигурен дека повеќето ќе се продадат. Тоа значи дека овој систем е ОК само за авторите и изведувачите од т.н. „А-листа“. Условно речено помалите тешко ќе можат да спојат оваква финансиска конструкција. Но има решение и за нив - на сајт нека ги објавуваат своите МP3-ки и нека наплаќаат од концерти и „гигови“ се додека не станат доволно големи за да издржат тираж со оваква цена. Ем ќе имаме побогат интернет простор, ем ќе бидат сите посреќни.
Вториот проблем е - како до легални нови странски наслови? Секако дека тантиемите за овој тип на производи е превисок, пазарот е мал, па увозот е единствено можно решение. Сепак останува големата разлика на цената (во рангот на 1000-1500 денари) во однос на пиратските производи. Повторно, интернетот е решение и за ова. Верувам дека некој локален легален бизнис на купување на музика преку интернет би можел да понуди добар извор на релативно евтина комерцијална странска музика. Но ова е „еден чекор премногу“ за сегашнава ситуација…





