Блогот на Јован :: blogzen

16.12.2006.

Тактика за Ирак

Подредено под: Глобализација, Политика и општество — Јован @ 10:59

Капетанот Тревис Патрикин и неговата инвентивна PowerPoint презентација (PDF) ја артикулираат потребата да се промени тактиката во Ирак. И тоа на многу пристапен и едноставен начин. Жално е единствено тоа што овој човек загинал на терен. Но проблемот кој го адресира е релевантен. Неопходно е да се постигне одржлив мир кој долгорочно би промовирал демократија. А не обратно. Повеќе на сајтот на ABC.

3.11.2006.

На протест!

Подредено под: Евро-интеграција, Политика и општество — Јован @ 1:54

9ти Ноември е ден за протест, против сите гњаважи со визи, за достоинство на сите нас. Држат сите забелешки, но ова не е ниту време ниту место да се решаваат други и туѓи проблеми. Факт е дека визите на сите ни сметаат и факт е дека е потребен притисок од базата за сите да се соочат уште еднаш со реалната состојба. А таа е Македонија не е проветреана како што треба барем 15-16 години.

И ова не го пишувам како поранешен претседател на JEF Macedonia, туку како обичен граѓанин. Нема позадина, нема партии, нема кариеризам. Поддршка за ад-хок блогот отворен во таа цел. Не заборавајте дека протестите ги организираат двете најпроевропски ориентирани младински организации во Македонија, членки на европски мрежи кои комплетно стојат зад проектот.

14.9.2006.

Општо кон посебно…

Блогов има 627 поени на socialmeter.org (извор: Филип). Прашањето останува - дали мерењето на блог-социјализацијата е еквивалетна со real-life асоцијализацијата? Ако е така лошо ми се пишува…

Она што е битно да се каже е дека во сабота излегува компилацијата со неколку корисни програми на македонски плус една книга за ОпенОфис на македонски.

Интересно е тоа што Т-мобиле.ком.мк работи во php. За разлика од стариот сајт на Мобимак кој одеше на ASP.Net. Но тоа по се изгледа е избор на локалниот тим. На пример хрватскиот оди на олд-тајм ASP и Windows Server 2003, а германскиот и унгарскиот користат Sun Solaris плус некои (не-баш-евтини) CMS апликации. За разлика од нив американците си тераат на Windows 2003 + ASP.Net. Заклучокот е… не е до алатот туку до мајсторот.

Разгледувањето на нивните сајтови ми овозможи да забележам дека се многу педантни околу брендингот - сите имаат т-зони, релакс тарифи и слично. Во секој случај не само што останувам кај нив, туку и планирам наскоро да одам на постпејд.

Ќе пишував нешто и за институциoнална меморија, евро-интеграција, споделување на знаења, сигурност, вложување во експертиза. Ама гледам тие муабети во државава станаа аут. За тоа поарно ќе си ќутам.

29.8.2006.

Сушиманија

Подредено под: Општа, Глобализација, Претприемништво — Јован @ 14:37

После многу фалениот тајландски ресторан во Прилеп, Скопје го доби својот прв суши бар. Искрено, ова е една од моите омилени работи, до сега резервирана само за посетите во другите земји. Пофалба за претприемничкиот дух!

3.8.2006.

Препорака: Букарски

Подредено под: Политика и општество — Јован @ 9:50

гледав како горат куќи… целиот ебан ритуал при палење на една куќа беше ваков: итреци се приближуваа до куќите, гледаа да не има поставено бомба, а потоа шанкуре ќе излезеше на тераса за да каже дека е безбедно. толпата надвор тоа нестрпливо го чекаше… разјарено ќе се втурнеше, и почнуваше дирек со пљачкање. од балконите, од прозорците фрлаа мебел, апарати…на крајот откако ќе се умореа, едноставно ја палеа. потоа се одеше на друга, па на трета…  ПОВЕЌЕ

Ме потсети Алексо Букарски на едно време… толку блиско а толку далечно. Бев таму наредниот ден. Ја немаше трафиката откај што редовно купував кисела вода. Во таксито одеше „Гив ми сам, гив ми сам гесолин..“

2.8.2006.

Заедничка историја

Подредено под: Политика и општество — Јован @ 9:25

Поделбите од минатото генерираа историски читанки кои генерациски ја потхрануваат омразата. Имам една прилично едноставна идеја која би помогнала да се подаде раката кон концептот на заедничко живеење, партнерство и соработка за доброто на сите граѓани на Балканскиот полуостров.

Седнување на сите научници на една маса и изработка на искрена и реална историска читанка која ќе го опфати целиот регион. Можам да замислам каква невозможна мисија е тоа, особено имајќи во предвид дека повеќето академии на балканот (во соработка со соодветните цркви) беа едни од главните иницијатори на балканските војни. Најверојатно ќе биде потребно да се вклучат помлади и попрагматични луѓе.

Потребно е веќе еднаш, овој пат на маса, да ги конфронтираме сите етно-комплекси од минатото, да си ги признаеме, да ги надминеме и да почнеме да одиме напред. Овој прагматичен и реален учебник потоа би бил задолжително наставно помагало за сите деца во регионот.

Потребно е да се прекине со едностраното прикажување на работите. Јасно е дека мегаломанскиот комплекс се потхранува со имплантирање на етно-центричната матрица во самиот школски систем. Воедно никој не бара било која нација да се откаже од своите етнички специфики. Напротив, тие специфики се есенцијалниот ензим што ја прави Европа најинтересна, најспецифична, најбогата и најкарактерна. Културното наследство, верата и националниот идентитет е неопходно да бидат зачувани и поддржани како најголемо богатство. Но мора еднаш да ја внесеме демократијата во историските читанки, барем во една од редовните учебни години. Да отвориме дијалог меѓу младите. Особено имајќи во предвид дека не е можно секоја земја да живее во паралелен универзум, па толку многу да се разликуваат верзиите.

Замислете си, еден македонски ученик добива стипендија да биде на размена една година во на пр. Грција, Бугарија… И нормално ќе учи историја. Замислете си го шокот кој ќе го доживее кога ќе ги прочита работите внатре? А тој шок е и објективен и субјективен. Објективен заради игнорантскиот став на повеќето балкански комшии кон помалите и помалку моќните земји во регионот, но и субјективен заради нетранспарентната политика на домицилните академици со преќутување на факти кои не се во нивна полза.

Наместо да се обидуваме, како балканци, да ја зајакнеме границата на историските факти на вештачки начин (преку уште повеќе лаги), да ја направиме безначајна. Грција е одамна во ЕУ, Бугарија наскоро. Македонија ќе биде во 2012-2013. Да ги надминеме комплексите, да дојдеме до вистината - која е Балканската историја? Откако ќе се соочиме со таа вистина ќе мораме да се соочиме со фактот дека цели генерации биле заведени од вештачки генерираната омраза која сеуште постои.

Економијата, културното наследство, соработката, заедничката евро-атлантска иднина се темите на кои треба да се фокусираме. Ослободени од омразата и комплексите. Како Германија и Франција после втората светска војна. Видете ги сега… Но Заедницата за челик и јаглен е една друга исто така инспиративна тема за муабет.

Не го сакам ни Александар, ни Солун, па ни Лондон. Сакам мир и среќа. И „шопска“ или „грчка“ со Скопско. Или Амстел :) Доста беше со големи „идеи“.

18.7.2006.

Sailing alone

Подредено под: Општа, Политика и општество — Јован @ 2:37

Отсекогаш сум им се воодушевувал кои имаат потреба и желба од идоли и лидери. Не дека на моменти не сум влегувал во такви „сценарија“. Она што секогаш е точно е:

  • секогаш го идеализираш својот идол
  • никогаш не се поклопуваат твојата и неговата идеологија. Впрочем вообичаено тој/таа и нема некоја напредна идеологија освен прибирање на пари или слава, на што сесрдно им помага природната харизма
  • идолот секогаш се интерпретира од субјективен апсект, апроксимацијата создава погрешни верувања потхранети од волјата за следење и непризнавање дека сте ја избрале погрешната опција (во овој случај - идол)
  • идолот, како и повеќето луѓе, со време ги менува ставовите. Забавно ми е кога следбениците групно си газат врз својот интегритет и постапуваат спротивно од своите убедувања. Не заради тоа што некој успешно ги разубедил, туку едноставно заради тоа што идолот така рекол. А тоа нели, мора да е точно. Дури и да нема наведена причина, ќе се склопи некоја прикладна конспиративна приказна за да се поткрепи одлуката.
  • Особено на овие простори идолопоклонството е скоро обврзувачко. Секој мора да има свој лидер, кој ќе го просветли, ќе му го спаси животот, ќе владее транспониран како полубожествено битие
  • Никој нема да признае дека идолот тропа глупости. Не дај боже!

Секако дека определено ниво на организација и нивоа на апстракција - идеологија, хиреархија и тимска работа се неопходни, но не по цена на апсолутизам. Во државни органи, во фирми, институции и медиуми. (Не зборувам само за политички идоли).

Чекор напред е да признае човек дека идолот правел грешки што е проследено изневереност и заклучок дека идолот не мисли на него (т.н. „себичност“ - мое прашање - а зошто воопшто би мислел на луѓе кои воопшто не ни ги знае?). По завршувањето на оваа фаза преоѓаме рехабилитација од потребата да се следи. Проблем со овој процес е честиот неуспех што резултира во започнување на следење на новоизбран идол, кој „мора да е чесен, многу е подобар од претходниот“. И така во недоглед.

Секој си плови сам. Точно е - го имаме семејството, бизнисот, државата да се погрижат и социјализираат, но идолите на никого не му донеле добро. Концептот на модели е сосема друг и се базира на учење на добрите лекции, т.н. кејс стадија. Јас на пример сум еден од оние кои му се воодушевуваат на Черчил и неговите „крв, пот и работа“. Но никогаш не би можел да признаам дека се работело за најпаметниот политичар, можеби еден од поискрените - што секако е доблест.

Нека те следат добри ветришта морнару и следи ги ѕвездите. Тие никогаш никого не излажале…

Наредна страница »
 


Author: Jovan Petrov. Some rights are reserved.