Блогот на Јован :: blogzen

26.8.2006.

Children’s Machine 1

Подредено под: Софтвер, Наука, Интернет — Јован @ 11:34

Тоа е официјалното име на проектот на МИТ / Николас Негропонте познат како „по еден лаптоп за секое дете“ наменет за земјите во развој.

Прво со лошите вести, крајната набавна цена е 140 USD, што претставува 40% зголемување од почетниот „таргет“. Или во превод доколку овој лаптоп би се продавал на слободен пазар во Македонија би чинел околу 9 000 денари што би ги вклучувало сите трошоци (под услов да добие повластена даночна стапка - како школско помагало). Се очекува да се постигне точката од 100 долари по некое време, со помасовното производство.

Добрите вести, за среќа, се повеќе. Прво дисплејот со дијагонала од 8 инчи има фантастична резолуција од 1200 по 900 точки што го прави овој лаптоп многу употреблив за читање на електронски документи. Според оние што го тестирале дисплејот одлично се однесува при изложување на дневна светлина. Исто така процесорот (AMD Geode) наместо 366 ќе биде со брзина од 400 МHz. Лаптопот ќе доаѓа со 128 Мегабајти РАМ и со специјална верзија на Линукс која работи одлично на оваков тип на машини. За запишување на податоците и документите наместо хард диск тука е 512 Мегабајтната флеш меморија. Новост е тоа што лаптопот ќе содржи SD слот, што со константно паѓачките цени на мемориите општо вклучувајќи го и SD како еден од фаворизираните типови на модули за дигитални фото-апарати ќе значи:

  1. Едноставен начин да се пристапи до дигиталните фотографии
  2. Едноставен начин за размена на поголеми пакети на податоци помеѓу два компјутера
  3. Едноставно зголемување на капацитетот на „хард дискот“

Новости се и додадените влез за микрофон и излез за слушалки, што се поврзува со идејата за бесплатен VoIP телефонски систем помеѓу сите иматели на овакви компјутери. Исто така веќе постои вградена видео камера која ќе може да се користи за фотографирање, снимање на клипови или онлајн видео-конференција. Не знам за вас, но мене ми мириса на „учење на далечина“.

Корисничкиот интерфејс организиран околу Sugar е веќе финиширан а како изгледа можете да видите на следнава слика (стартуван на обичен PC со Fedora Linux):
Шугар

Како што може да се забележи неговата намена е во колаборативното учење, меѓусебната комуникација и заедничкото совладување на наставните планови со помош на интерактивни технологии и интернет.

Да не заборавиме дека овие лаптопи содржат и интерфејс за безжично вмрежување (како инфрастуктурно со пристапни точки и рутери, така и ад-хок мрежи помеѓу самите лаптопи). Веќе се говореше за безбројните апликации кои се можни (пример - комјунити шеринг на интернет пристап низ квартовите).

Интересен е фактот дека официјален word processor со овие лаптопи ќе биде AbiWord. Не е ни за чудење, со оглед на тоа дека OpenOffice.org не е баш најштедливиот софтвер на светот што се однесува за ресурси. Единствен проблем е тоа што немаме локализиран AbiWord.

Сепак, покрај се, Негропонте треба да се пофали за упорноста со која што го истурка овој проект. Во меѓувреме доби еден многу битен партнер - UNDP, кој има буџет и можност делумно да го помогне имплементирањето на овој концепт барем во некои пилот заедници. Поентата е во концептот.

Но од друга страна, за нешто повисока цена (и тоа не многу), човек може да си купи „марка“ Pentium III со 256Mb RAM и монитор. На кој може да врти или пиратски Windows XP или некој Linux (на пр. Ubuntu, Mandriva, Suse, Fedora). Добива многу поголема оперативна моќ, но губи на униформниот пристап, можноста да се носи компјутерот со себе и да се користи на час. Со оглед на тоа дека производната цена најверојатно ќе паѓа, сепак од оваа временска дистанца јас сепак би рекол дека CM1 има иднина, но дека наредната генерација (CM2) ќе биде вистински хит. За неколку години ќе почне да се релативизира границата помеѓу флеш мемориите и хард дисковите, па имањето на флеш меморија ќе биде предност.

1.7.2006.

Заштитете ги Вашите податоци квалитетно и бесплатно

Подредено под: Софтвер — Јован @ 15:06

Денес би сакал да напишам една многу кратка препорака за еден сервис за зачувување на најбитните податоци од Вашиот компјутер (во случај на откажување на хардвер, софтвер, кражба, непогода, човечка грешка и слично).

Сервисот се вика Mozy и она што ми се допадна е дека целиот сообраќај е заштитен со многу високо ниво на енкрипција. Во основа се регистрирате, го преземате малиот бекап софтвер, обележувате кои документи и фолдери Ви се најбитни, го поставувате временски редовниот бекап и тоа е тоа. Ова може да Ве спаси и од ненамерно бришење на локалните податоци (recovery).

Е она што е најбитно е: Mozy има (нормално) комерцијална но и бесплатна варијанта. Првиот е се големина од 30 Гигабајти, додека бесплатниот има сосема доволни 2 гигабајти. Го испробав, добар е, едноставно се поставува (единствено беше потребно да го авторизирам софтверот за надворешна комуникација во мојот firewall)… И тоа е тоа. Сега најбитните документи ми се многу посигурни.

Сервисот во Априлскиот број на PC Magazine е препорачан како најдобар он-лајн бекап, а еве и јас им се придружувам. Значи, трк сите кај Mozy и да не сум чул повеќе „ми ги снема документите“

19.6.2006.

Совет: Прикажување на снимени лозинки во Firefox

Подредено под: Софтвер, Интернет — Јован @ 23:36

Доколку имате снимени лозинки со чија помош автоматски се најавувате на определени сервиси прилично е можно по определено време да заборавите некоја од нив. Пред се заради тоа што не сте приморани да ги внесувате редовно, а нели - повторувањето е мајка на знаењето.

Работата била прилично едноставна. Значи одете на Алатки -> Опции -> Приватност -> Лозинки (таб / „јазиче“) -> Снимени лозинки -> Покажи ги лозинките. Секако дека претходно е потребно да биде вклучена опцијата за автоматско снимање на лозинки која е добредојдена дома или на работа, но дефинитивно опасна за користење на јавни компјутери.

15.5.2006.

Препорака: Picasa

Подредено под: Софтвер — Јован @ 17:48

Еве едно одлично софтверче за организирање на албумите (што станува неопходно по определен број на месеци со Вашиот дигитален фото-апарат). Да не трошиме време, еве линк кон Гугл Пикаса, бесплатен корисен софтвер за оваа намена. Повеќе…

5.5.2006.

Позитивни промени…

Подредено под: Софтвер — Јован @ 0:18

… Пред некој ден на сајтот на Мајкрософт симнав ISO на комплетно бесплатна верзија на Visual C# Studio (поточно Express варијантата). Исто важи и за SQL server, како и за конкурентскиот Oracle. Не може никој да каже дека слободните алтернативи (Eclipse, MySQL) немаат влијание на оваа достапност на исклучително корисни, а сега и бесплатни алатки за програмирање и бази на податоци. Уште еден доказ дека слободниот софтвер е здрав за пазарот, и особено, за крајните корисници.

4.3.2006.

10 златни правила за ерата на кориснички ориентираните производи и услуги

Подредено под: ИКТ, Веб апликации, Софтвер, Интернет, е-Бизнис — Јован @ 1:26

Помина времето на тоа кој направил повеќе мегахерци, коњи, вати. Сега е битно колку е нешто едноставно, удобно, симпатично, лесно… Корисниците не сакаат сирова снага, туку комплетно искуство.

Следат правилата, според Андреас Фајфер од ACM:

1) Повеќе опции - полошо.
2) Не ги поедноставувате работите со додавање на можности.
3) Збуни го корисникот за да го загубиш.
4) Стилот е битен
5) Само опциите кои нудат добро корисничко искуство ќе бидат користени.
6) Сите опции кои бараат читање на упатство ќе бидат користени од многу мал процент на корисници.
7) Неискористените опции не се само бескорисни, тие може да го попречат едноставното користење.
8) Корисниците не сакаат да размислуваат за технологијата. Она што е битно е како влијае на нив и како може да се искористи.
9) Заборавете за убиствените можности. Фокусирајте се на убиственото корисничко искуство.
10) Помалку е потешко, заради тоа помалку е повеќе.

2.3.2006.

Убунту за постари компјутери (неофицијално издание)

Подредено под: Софтвер — Јован @ 17:50

Наредна страница »
 


Author: Jovan Petrov. Some rights are reserved.