Блогот на Јован :: blogzen

18.10.2006.

Големиот бран на проширување на Пејпал земји ја промаши Македонија

Подредено под: е-Бизнис — Јован @ 12:31

И покрај обидите на USAID, листата на новите 54 земји членки во Пејпал системот на онлајн плаќање не го содржи името Македонија. Хрватска, Словенија се тука како и Русија и Украина. Со овие налози може само да се плаќа, но тоа е сосема доволно за учество во EBay, купување од Амазон и слично.

Ќе го чекаме следното бран(че).

29.6.2006.

КИБС, првиот овластен издавач на сертификати во Македонија

Подредено под: е-Бизнис — Јован @ 18:06

Клириншката куќа е првиот регистриран т.н. certificate authority (CA) во Македонија. Оваа фирма нуди два обични и еден рут (серверски) сертификат. Издавачите на сертификати се ‘рбетот на т.н. Инфраструктура на јавни клучеви - Public Key Infrastructure - PKI.

  • Верба (основниот сертификат) трае една година, има материјална одговорност во ниво од 50 000 Евра од страна на издавачот на сертификати. Проверката се извршува на 2 нивоа - проверка на е-поштата и проверка на идентитетот преку презентирање на лична карта или пасош. Ова значи дека е потребно лично присуство при издавањето на сертификатот што носи високо ниво на сигурност при електронските трансакции и комуникации со оглед на тоа дека КИБС го гарантира идентитетот. Цената е 1 100 денари за првата година и 900 денари за секоја наредна. Намената на Верба е за лично користење.
  • Верба про е иста како и Верба, но со фокус кон лично користење во професионални цели (пр. потпишување на службени документи и службена кореспонденција). Секако дека ова повлекува проверка на податоците за фирмата во чие име потпишува личноста. Гаранцијата е подигната на 100 000 евра. Првата години чини 4 100 денари, додека секоја наредна 3 300.
  • И конечно, постои Верба Сервер, т.н. рут сертификат кој се инсталира на сервери и ја овозможува идентификацијата и сигурносната енкрипција („шифрирање“) на податоците. Секој пат кога сте кликнале на „secure login“ на вашиот сервис за е-пошта или сте го поминале процесот на он-лајн купување со кредитна картичка сте биле корисник на сервис кој користи оваков вид на сертификат (се појавува мала икона на клуч во долниот десен дел од Вашиот прегледувач). Сертификатот е базиран на домен, со 128 битен клуч кој е доволно јак за сите модерни апликации во е-банкарството и е-комерцијата. КИБС го проверува побарувачот, сопственоста на фирмата и доменот и ги гарантира траснакциите во ниво од 100 000 евра. Цената на овие сертификати е 11 000 денари за првата година и 9 000 денари за секоја наредна.

Персоналните (за лични и бизнис цели, т.е. Верба и Верба Про) сертификати имаат примарна намена како електронски потпис на документи (што значи дека конечно комуникацијата по е-пошта со помош на овој систем е судски призната комуникација со јасно определен идентитет и одговорности). Пример - можно е да се потпишуваат фактури, договори, писма, барања, царински декларации, набавки, купо-продажни договори итн. И тоа исклучиво во електронски формат. Втора примена би била дигитален потпис и енкрипција на Вашата е-пошта. И конечно - законски загарантирана комуникација и идентификација во е-банкарски апликации. Да потсетиме дека сите банки во Македонија кои имаат определен систем за е-банкарство користеа само-издадени сертификати што всушност значи дека законски никој не може да ја гарантира сигурноста на Вашата сметка. Кога ќе се префрлат на некој од сертифицираните системи, како овој на КИБС, граѓаните, фирмите, но и банките ќе бидат многу подобро законски заштитени.

Се очекува дека во наредниот период ќе следат и други фирми со свои понуди што би ја зголемило конкуренцијата. Исто така според законот се признаваат и сите издавачи кои работат на ниво на ЕУ, под услов да бидат регистрирани во Министерството за финансии и да ги водат архивите според нашиот закон и подзаконски акти. Целата процедура започна уште во 2002 со Законот за електронски потпис (што е всушност дел од функцијата на сертификатот) и конечно финишираше деновиве со издавањето на првиот сертификат. Процесот иако спор може да се окарактеризира и како интересен бидејќи немаше апсолутно никаков притисок и интерес од бизнис заедницата, која очигледно е сеуште далеку од „е-бизнис“ концептот.

Серверскиот сертификат овозможува потпишување на серверот (што значи дека е практично невозможно да се направи т.н. phishing под услов корисниците да го проверуваат сертификатот на секој влез). Освен тоа се овозможува осигурана комуникација со корисниците, што значи дека е-трансакциите (пр. е-банкарство, е-даноци, е-владини услуги итн) се загарантирани и со јасни податоци кој е автор на документите и податоците.

На некој начин, дел од услугите на издавачите на сертификати (CA) не буквално, но се многу блиски со услугите на нотарите. Конечно, се поставува прашањето - кога еден ден секој од нас би имал оваков сертификат на модерна лична карта со чип кој ги носи овие информации - дали ќе ни бидат потребни шалтерите и нотарите?

21.4.2006.

Пејпал интегративни процеси

Подредено под: е-Бизнис — Јован @ 10:56

По евро-атлантските интегративните процеси, благодарение на УСАИД се гледа зората на пејпал-интегративните процеси за Македонија. Микроплаќањата се еден од горливите проблеми за заживувањето на македонската е-комерција, а пејпал би завршил многу многу работа.

Иако ова е прилично сеопфатен, долг и неизвесен процес, сепак треба да се поздрави оваа американска иницијатива.

Како дел од овие напори, УСАИД ќе работи на намалувањето на факторот на ризичност за Македонија. По тој повод овој вторник (18ти Април 2006) беше организирана една конференција за која има повеќе детали на сајтот на Метаморфозис. Во текот на наредната недела ќе има свечено потпишување на декларацијата на сите македонски провајдери со работен наслов „Провајдерите им објавуваат војна на кибер-криминалците“, и како дел од активностите за подобрување на имиџот и т.н. вајт-листинг на земјата за е-комерција.

Инаку компанијата која го поседува Пејпал, e-Bay исто така е сопственик и на Skype. Тоа значи дека доколку успее проектот ќе можеме од дома да си купуваме телефонски разговори по 1 денар/мин., да учествуваме на e-Bay аукции, да си купуваме книги, услуги, карти… Пејпал се прифаќа во скоро сите е-продавници и е најефикасен начин за микроплаќања. Во пејпал земјите освен со кредитна картичка корисниците можат да ги надополнуваат сметките и преку банкарски (локален) трансфер.

Како американски консултат за овој проект за промоција на МК во кластерот на е-бизниси е реномираната VeriSign. Но останува мојата лична забелешка - ниту еден консултант или организација нема да не спаси од самите себеси. Домашната култура и знаењето дека е-крадењето не е ништо подобро од упад во банка се проблемите кои треба да се адресираат со додатни ангажмани и активности.

6.3.2006.

е-Комерцијата и интернетот трајно ослободени од данок во САД

Подредено под: Интернет, е-Бизнис — Јован @ 18:46

Претходниот петок е претставено новото законодавство кое ја ослободува трајно е-комерцијата од сите дискриминаторни даноци и оневозможува оданочување на користењето на интернетот. Новиот закон се состои од серија на амандмани на Internet Tax Freedom Act од 1998, кој истекува во Ноември 2007. Предлагачот во новиот закон дејствувањето на ослободувањата ги пропишува на неограничено време. Повеќе на сајтот на PC Magazine.

4.3.2006.

10 златни правила за ерата на кориснички ориентираните производи и услуги

Подредено под: ИКТ, Веб апликации, Софтвер, Интернет, е-Бизнис — Јован @ 1:26

Помина времето на тоа кој направил повеќе мегахерци, коњи, вати. Сега е битно колку е нешто едноставно, удобно, симпатично, лесно… Корисниците не сакаат сирова снага, туку комплетно искуство.

Следат правилата, според Андреас Фајфер од ACM:

1) Повеќе опции - полошо.
2) Не ги поедноставувате работите со додавање на можности.
3) Збуни го корисникот за да го загубиш.
4) Стилот е битен
5) Само опциите кои нудат добро корисничко искуство ќе бидат користени.
6) Сите опции кои бараат читање на упатство ќе бидат користени од многу мал процент на корисници.
7) Неискористените опции не се само бескорисни, тие може да го попречат едноставното користење.
8) Корисниците не сакаат да размислуваат за технологијата. Она што е битно е како влијае на нив и како може да се искористи.
9) Заборавете за убиствените можности. Фокусирајте се на убиственото корисничко искуство.
10) Помалку е потешко, заради тоа помалку е повеќе.

16.1.2006.

Многу луѓе се занимаваат со политика…

Подредено под: е-Бизнис, Претприемништво — Јован @ 12:09

… директно или индиректно… А многу малку со заработување на пари… Сите тие политичари, научници, интелектуалци, уметници и поети повеќе или помалку живеат на државниот буџет. А кој го полни него?

Време е за работа. Батали политика, стани претприемач. Еве, на пример ЈЕС Инкубаторот може да ти помогне да започнеш со свој сопствен бизнис… А нема ништо поубаво од тоа „мажот да си ја носи дома сланината“ (американска поговорка, не-џендер-оптоварена)… И искористи го интернетот, најмоќниот медиум на новиот бизнис. Не работи да се збогатиш, работи за да научиш… Читај е-Бизнис блог, Капитал, најди книги, научи. Не треба специјално школо за тоа, само специјална волја. Не знам неуспешен бизнисмен - но знам многу независни бизнисмени. Мали, неоптоварени од тендери.
Сајдноут: Сајтот на инкубаторот е во Јоомла.

6.1.2006.

„Пенетрацијата“ на кредитните картички во Македонија околу 10%

Подредено под: е-Бизнис — Јован @ 3:39

Веста на А1 сама по себе е добра, но загрижувачка е докажаната незаинтересираност на банките за побрзо воведување на картичките како основно платежно средство, што секако дека ќе им заштеди доста средства кои инаку би ги трошеле за шалтерски работници, а и воедно би зеле поголем колач од платниот промет кој сега е сиво-црн. За државата и едноставното решавање на даночната евазија да не зборувам.

Незаинтересираноста се покажува пред се преку вештачки високо поставените услови за добивање на овој систем за плаќање (небаре американска виза добивате), комбинирано со „млакоста“ во промовирањето на ПОС терминали низ продавниците и ригидноста околу користењето на картичките на интернет. Цената на издавање и провизиите често пати се повисоки од странските, и конечно - поголем дел од банките воведуваат вештачка разлика помеѓу денарите и девизите - па на пр. ако имате 100 000 денари и 100 евра и се наоѓате во странство, ќе можете да подигнете само 100 евра. Невидено!

Еве како пример за срам можам да кажам дека определени големи банки свесно го лимитираат бројот на банкомати низ државата (претпоставувам од страв да не дојде до дополнителни отпуштања). Мојот коментар за состојбата на македонското е-банкарство (во еден претходен пост) ги наведува јасните критериуми кога може да тврдиме дека имаме функционално е-банкарство во Македонија, а и имам одлично решение како да ја зголемиме „пенетрацијата“ на кредитните картички и тоа инстатно - сите пензионери (случај „поштенски грабеж“) и вработени во државни претпријатија (мртвата НПК) да мора да ги примаат сите средства преку овој систем (не мора кредитен, може и дебитен). Со тоа што користењето во малопродажбата не подлежи на провизии ова е најефикасен притисок за воведување на безготовинско плаќање. За поштенските кражби од вестерн стил и да не зборуваме… Имам информации дека ова функционира но во минорен процент и зависи од институција до институција.
Придобивките за интернетот се повеќеслојни, ќе го споменам најочигледниот - бум на користењето на е-комерција. Како и варијациите на тема (пр. македонски Пејпал). До тогаш, добро спијте, добри деца!

НАПОМЕНА: Текстот е намерно со оваков тон, со надеж дека банките ќе не изненадат.

Наредна страница »
 


Author: Jovan Petrov. Some rights are reserved.