Блогот на Јован :: blogzen

30.8.2006.

Пронајди ги разликите ;)

Подредено под: Филмови и ТВ — Јован @ 22:32

29.8.2006.

Сушиманија

Подредено под: Општа, Глобализација, Претприемништво — Јован @ 14:37

После многу фалениот тајландски ресторан во Прилеп, Скопје го доби својот прв суши бар. Искрено, ова е една од моите омилени работи, до сега резервирана само за посетите во другите земји. Пофалба за претприемничкиот дух!

27.8.2006.

Earth Tools

Подредено под: Општа — Јован @ 23:28

Ми требаше онлајн сервис кој ќе ми даде точни географски координати И елевација (т.е. надморска височина) на специфична точка во Македонија. Сакав да ја испробам мојата нова самонаведувачка ракета па… Упс тоа не е за на блог. :)

И го открив Earth Tools кој доколку имате просторна ориентација ќе Ви заврши работа.

Во овој пример одлучив да го измерам скопскиот градски стадион (бидејќи е лесно видлив и е јасно што правам):

Earth Tools

Пребарувате по држава / град. Потоа се ориентирате до Вашиот кварт, цело време зумирајќи доволно за да се снајдете во маалото но и не премногу да изгубите ориентација низ улиците и зградите. Кога конечно ќе го најдете Вашиот балкон (на пример) обидете се „метата“ (црниот крст на средината на мапата) да го наместите точно врз местото за мерење. Сега од левата страна можете да ги прочитате прецизните географски координати, елевацијата, точното време во моментот „на лице место“ и времето на изгрејсонце и зајдисонце кое вклучува и можност да си испечатите календар за целата тековна година. На пример за скопскиот стадион основните координати се:

42.0057°N
21.4256°E
Надморска височина: 248m

Сега останува некој кој има добар GPS со можност за мерење на надморска височина да застане на средина на стадионот и да ги измери точните вредности. Така ќе може да се покаже со колкава точност се податоците кои се достапни преку овој сервис кој во позадина ги користи Гугл Мапите. Има уште една можност, но немам време во моментов (да се измери пистата на Скопскиот или Охридскиот аеродром, и да се споредат координатите и податоците за елевација со меѓународните авио-бази).

Претпоставувам дека има резолуција на податоците за надморска височина, но колкава е таа, искрено не можам да кажам. Од мои мерења („од рака“) би рекол дека резолуцијата е 50 метри или помала , што е сепак употребливо за мојата намена.

26.8.2006.

Children’s Machine 1

Подредено под: Софтвер, Наука, Интернет — Јован @ 11:34

Тоа е официјалното име на проектот на МИТ / Николас Негропонте познат како „по еден лаптоп за секое дете“ наменет за земјите во развој.

Прво со лошите вести, крајната набавна цена е 140 USD, што претставува 40% зголемување од почетниот „таргет“. Или во превод доколку овој лаптоп би се продавал на слободен пазар во Македонија би чинел околу 9 000 денари што би ги вклучувало сите трошоци (под услов да добие повластена даночна стапка - како школско помагало). Се очекува да се постигне точката од 100 долари по некое време, со помасовното производство.

Добрите вести, за среќа, се повеќе. Прво дисплејот со дијагонала од 8 инчи има фантастична резолуција од 1200 по 900 точки што го прави овој лаптоп многу употреблив за читање на електронски документи. Според оние што го тестирале дисплејот одлично се однесува при изложување на дневна светлина. Исто така процесорот (AMD Geode) наместо 366 ќе биде со брзина од 400 МHz. Лаптопот ќе доаѓа со 128 Мегабајти РАМ и со специјална верзија на Линукс која работи одлично на оваков тип на машини. За запишување на податоците и документите наместо хард диск тука е 512 Мегабајтната флеш меморија. Новост е тоа што лаптопот ќе содржи SD слот, што со константно паѓачките цени на мемориите општо вклучувајќи го и SD како еден од фаворизираните типови на модули за дигитални фото-апарати ќе значи:

  1. Едноставен начин да се пристапи до дигиталните фотографии
  2. Едноставен начин за размена на поголеми пакети на податоци помеѓу два компјутера
  3. Едноставно зголемување на капацитетот на „хард дискот“

Новости се и додадените влез за микрофон и излез за слушалки, што се поврзува со идејата за бесплатен VoIP телефонски систем помеѓу сите иматели на овакви компјутери. Исто така веќе постои вградена видео камера која ќе може да се користи за фотографирање, снимање на клипови или онлајн видео-конференција. Не знам за вас, но мене ми мириса на „учење на далечина“.

Корисничкиот интерфејс организиран околу Sugar е веќе финиширан а како изгледа можете да видите на следнава слика (стартуван на обичен PC со Fedora Linux):
Шугар

Како што може да се забележи неговата намена е во колаборативното учење, меѓусебната комуникација и заедничкото совладување на наставните планови со помош на интерактивни технологии и интернет.

Да не заборавиме дека овие лаптопи содржат и интерфејс за безжично вмрежување (како инфрастуктурно со пристапни точки и рутери, така и ад-хок мрежи помеѓу самите лаптопи). Веќе се говореше за безбројните апликации кои се можни (пример - комјунити шеринг на интернет пристап низ квартовите).

Интересен е фактот дека официјален word processor со овие лаптопи ќе биде AbiWord. Не е ни за чудење, со оглед на тоа дека OpenOffice.org не е баш најштедливиот софтвер на светот што се однесува за ресурси. Единствен проблем е тоа што немаме локализиран AbiWord.

Сепак, покрај се, Негропонте треба да се пофали за упорноста со која што го истурка овој проект. Во меѓувреме доби еден многу битен партнер - UNDP, кој има буџет и можност делумно да го помогне имплементирањето на овој концепт барем во некои пилот заедници. Поентата е во концептот.

Но од друга страна, за нешто повисока цена (и тоа не многу), човек може да си купи „марка“ Pentium III со 256Mb RAM и монитор. На кој може да врти или пиратски Windows XP или некој Linux (на пр. Ubuntu, Mandriva, Suse, Fedora). Добива многу поголема оперативна моќ, но губи на униформниот пристап, можноста да се носи компјутерот со себе и да се користи на час. Со оглед на тоа дека производната цена најверојатно ќе паѓа, сепак од оваа временска дистанца јас сепак би рекол дека CM1 има иднина, но дека наредната генерација (CM2) ќе биде вистински хит. За неколку години ќе почне да се релативизира границата помеѓу флеш мемориите и хард дисковите, па имањето на флеш меморија ќе биде предност.

13.8.2006.

ТВ преку интернет, со помош на P2P

Подредено под: Филмови и ТВ, Интернет — Јован @ 2:42

Прво, дисклејмер. Кој го посетувал редовно блогов знае дека не сум многу наклонет кон пиратеријата. Но од технички аспект, апликацијава е навистина инвоативна. И бидејќи сосема слободно може да се најде на Download.com тоа значи дека самиот софтвер сам по себе е легален (исто како што е легален и E-Mule на пример).

Значи TVU Networks е „кинеска направија“. Одлучиле луѓето да размислат како може да се поевтини дистрибуцијата на аудио-визуелни материјали. Во живо. И направиле сопствен Peer-2-Peer систем (сличен на Бит-торент и класиците Напстер и Казаа) но имајќи ја во предвид спецификата на живиот стриминг. Всушност компјутерите кои се поврзани на системот функционираат како мрежа на краткорочни бафери.

И резултатот е сосема оперативен начин на дистрибуција на ТВ во живо низ цел свет со минимален трошок во bandwidth на broadcast-ерите. Всушност и мрежата на пренесувачи е децентрализирана во прав дух на P2P. Она што зачудува е неочекувано добриот квалитет на стримингот (и аудио и видео) кој е на ниво на VHS. Со сегашнава точка на развој на глобалната ИП мрежа и имајќи во предвид дека корисниците во повеќето земји во развој имаат само базичен широкопојасен пристап (ниво на пола мегабит во секунда) ова е голем успех.

А кои телевизии може да се гледаат? Еден куп азиски. И неколку американски, помеѓу кои и ABC (читај Oprah, Очајни домаќинки…), HBO (читај добри филмови), ESPN (американски спорт), Disney Ch., Cartoon Network (цртани), CNN, Bloomberg и слично.

Нормално дека овој концепт многу брзо или ќе биде затрупан со тужби или ќе оди како легален сервис со претплата (според сајтовите, ми мириса на втората опција). Но сепак треба да се оддаде почит кон луѓето кои пристапиле кон стримингот на нов и поинвентивен начин.

Не викам сечи кабелска, фрлај сателитска. Треба време. Здравје боже, еден ден за едно 5-6 години ќе може да си купите ИПТВ рисивер кој преку Вашиот домашен фајбер-ту-хоум рутер ќе Ви нуди огромен избор на програмски содржини (класични но и Video on demand). И освен локална понуда агрегирана од операторот ќе видиме еден нов вид на медиумска централизација (пристап до самиот извор) со употреба на крајно децентрализирана архитектура на дистрибуција. Нели под услов да не пројдат предлозите за приоретизација и стратификација на ИП сообраќајот предводени од Cisco. Но тоа е еден сосема друг муабет.

Своевиден парадокс поврзан со самата P2P архитектура е што за разлика од класичниот стриминг, TVU Player овозможува зголемување на квалитетот на „приемот“ со бројот на гледачи на истиот канал. Значи колку повеќе луѓе го гледаат каналот толку помалку проблеми и застои ќе има истиот. Класичниот клиент-сервер концепт гарантира сигурно загушување на серверите по n посетители (каде n е мал конечен број - ете блого-лимес :)).

На крај, линковите:

Уште една напомена: софтверот го пробав, пуштив по неколку минути од најбитните неколку канали. На МТНет домашниот АДСЛ (512kbps) оди без никаков застој (по првите 15-тина секунди). Но со сегашново ограничување од 4 GB - кратка проба е се што е реално можно. Имајте во предвид дека како и сите П2П софтвери со кликањето на X софтверот само се минимизира. Одберете екплицитно Exit за да го зачувате Вашиот bandwidth.

Анализирајќи ги целните публики кои дури и во оваков квалитет би го користеле софтверот би можел да издвојам неколку типа на корисници:

  • бизнисмени кои на работа би имале пристап до Bloomberg, CNBC, BBC, Sky News, CNN, Euronews…
  • гледачи на спортски програми кои не се достапни на локалните канали
  • луѓе кои немаат класичен телевизор во собата (пр. деца - Cartoon, Disney), студенти и слично
  • технолошки авантуристи

Нормално, има 2 услови - првиот го исполнуваме, а вториот не. Брз пристап (кај мене се покажа ок) и неограничен интернет. :(

Инаку не правев тестови за потрошувачката - па ако измерите - пишете коментар.

Како специфика - можно е некој од Вас да се пријави и за broadcaster (ако има доволно bandwidth). На пример по некогаш ја гледам на листата и ТВ Пинк. Ете уште еден начин за промовирање на Македонија и овозможување на поедноставен пристап до информации од страна на иселениците. Само што е малку пиратски :)

Воедно најавувам уште еден текст поврзан со РТВ проблематиката - наредниот викенд.

9.8.2006.

Еротоманија

Подредено под: Интересно, Блогови, Интернет — Јован @ 17:23

Гледам неколку блогери последниве денови како интензивно ја препорачуваат Anelia. Во споредба со мачните муабети на блогосферава наша малечка, одлучив да ја поддржам со пост како квалитетна алтернатива за овие топли денови. Сето тоа проследено со една пригодна песничка, Френки оди во Холивуд со „Relax don’t do it:)

Наф сед, дабл пи ај ем пи, риспект!

6.8.2006.

Звучен тест…

Подредено под: Интересно, Геџети — Јован @ 8:53

Кликнете на следниов линк. Тоа е ring-tone (mp3) за мобилни на средношколци кои не сакаат да го почитуваат правилото на исклучен телефон. Во тивка средина дури и вибрациското ѕвонење произведува јасно препознатлив звук. Теоретски овој ултрасоничен звук би требало да се слуша (во просек) до 25 годишна возраст. Има отстапувања, но генерално средовечните професори не можат да го препознаат овој звук. Кликнете и тестирајте го Вашиот звучен опсег. Линк кон оригиналната сторија на NPR. Официјалниот сајт за рингтонот е достапен овде.

(ХИНТ: Имате проблематичен комшија, куче кое Ве буди цела ноќ, тинејџери кои прават бука??? :))

Наредна страница »
 


Author: Jovan Petrov. Some rights are reserved.