Читајќи ги програмите на најголемите коалиции во очекување на изборите, Капитал забележува огромно совпаѓање на неколку параметри од економијата:
- И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за намалување на определени даноци. Додека СДСМ не го соопштува процентот, ВМРО-ДПМНЕ е јасен - флет фи персоналец од 10% и намален данок на добивка. Вторава варијанта дополнително би значела укинување на социјално-ориентираниот концепт на општествена одговорност на богатите кои плаќаат повисоки давачки.
- Последниве 2 години Македонија има задоволителен раст од 4%. И двете партии се залагаат за понатамошно забрзување на растот, едните во ранг на 5-6%, а другите и до 8% што е според експерти и преоптимистичка бројка
Имајќи ги во предвид овие параметри, лесно е да се заклучи дека (со право) фокусот ќе биде насочен кон чист развој, неоптеретен од социјални давачки. Барем теоретски. Од двете програми се гледа дека иако концептот им е правилен, генерацијата која се држи на последната сламка за преживување, со едноставни зборови и најискрено - прилично е можно да оди „по ѓаволите“. Целиот концепт на реформите е ориентиран кон поддршка на претприемачите и сопствениците на фирмите, со надеж дека ова ќе помогне поглем процент на странски (но и домашни) инвестиции.
Но она што никој нема да го каже јавно е: доколку се собира помалку данок, ќе има помалку пари за плати на администрацијата, за социјални програми, пензии, здравство итн. Математиката е сурова со знакот = во равенките.
Како што ветив нема да навлегувам во изборите и дневното политиканство, но ова совпаѓање на параметри ми даде за право да напишам нешто од неутрална гледна точка.
Со сите чуда што ни се случуваат, во целата немаштија - главното прашање не е зошто, туку како. Најдете го Вашиот фаворит и запомнете дека тој не ја трча трката за Вас. Не им ги ставајте Вашите нереални желби во устите на лидерите, претпазливо слушајте што кажуваат, а што не. Како и адвокатите и глумците, политичарите се проклети лажговци, лесно е да Ве наведат сугестивно да се самозалажете. Наредниот пат кога ќе помислите дека некој политичар скромно ги брани работниците и земјоделците, запрашајте се кој му ја плаќа кампањата и чии интереси тој всушност брани?
Не пишав ниту за ниту против едните и другите. Единствено што треба да запаметиме сите е - „премногу добро за да биде вистинито“ е токму тоа. Пониски даноци за „капиталистите“ - тоа е вистинското ветување, кое тешко дека ќе го слушнете на митинзи во својата вистинска форма.