Ги прочитав истражувањата на Стратеџик нарачани од USAID за состојбата на интернет корисници во Р.М. во тек на Март и Април 2006. Има неколку интересни резултати кои ќе ги коментирам откога културно ќе почекам домаќините и колегите да ги објават официјалните резултати јавно на интернет. Најверојатно утре.
Но една бројка која би ја спомнал е… 27% од луѓето во Македонија користат интернет. Наспроти 4,9% пред 4 години. Импозантен скок. Доколку го примениме (грубо бидејќи го немам статистичкиот фајл) моделот на ЕУРОСТАТ (постари тинејџери до возрасни, барем еднаш на 3 месеци) доаѓаме до бројката од 18% или раст од 4% за една година (што е прилично органски но сепак стабилен раст). Би сакал да ставам еден голем дисклејмер дека се работи за прилично оквирни и груби пресметки.
Исто така многу ми беше забавно по 1 година лути дебати за квалитетот на истражувањето на Државниот завод за статистика за 2005 година се покажа дека е комплетно базирано според ЕУРОСТАТ (најверојатно некој (не)намерно не го причитал доволно добро). Според него пред 1 година интернет пенетрацијата според ЕУРОСТАТ била на ниво на 14% (треба само малку математика), или севкупно на ниво од 20%.
Хммм… значи прилично стабилен органски раст според ЕУРОСТАТ од 14 на 18% за една година, и прилично голем скок (т.е. од 20 на 27 индексни поени) за севкупниот број на корисници… Ајде малку да навлеземе во проблематиката. Има две можности кај се кријат тие 7 проценти помеѓу севкипниот збир и оној според ЕУРОСТАТ методологијата:
- Користат интернет помалку од еднаш на три месеци
- Се наоѓаат вон целните возрасни групи според ЕУРОСТАТ
Многу мал број од интернет корисниците користат интернет помалку од еднаш месечно (под 5% од вкупниот број на корисници). Значи докажавме каде може да снема само мал дел од значителната разлика. Но одговорот лежи во спецификата на таргет групата на ЕУРОСТАТ - тие не ја опфаќаат (чудно) групата на основци и средношколци од пониските години.
Значи, најголемиот раст на број на корисници најверојатно лежи токму во оваа популација (што искрено ме радува). А на кој начин кога процентот на домашни корисници е само половина од целокупниот број? MKConnects, компјутери во школите + бесплатен интернет. Извонреден проект кој на прилично опиплив начин ја врати „инвестицијата“ (која да бидам искрен се сведе на бркање на Тајванците и градење на искрено партнерство со САД).
Voila… 1/3 македонци се интернет корисници во 2006!
Утре малку поголем осврт на понудите на провајдерите, интересот за е-бизнис, е-комерција, е-влада и уште неколку забавни детали.
Благодарение на овие обиди на повеќе странски институции, една од примарните одредби за постигнување на 25-30% пенетрација до 2007 е веќе практично остварена. Но функционално останува уште многу многу работа.