Блогот на Јован :: blogzen

16.11.2006.

Македонски железници

Подредено под: Општа — Јован @ 11:37

Фотографија од постер кој ги слави достигнувањата, иновациите и модернизацијата на Македонски железници по културната револуција:

29.10.2006.

Регистрирајте за за присуство на e-Society.mk 2006

Подредено под: Општа, ИКТ, Блогови — Јован @ 10:51

e-society.mkКако што претходно пишуваа повеќе колеги блогери, втората меѓународна конференција e-Society.mk 2006 ќе се одржи од 15 до 17 ноември. Има многу теми поврзани со информатичкото општество, но и теми поврзани со блогирањето како интернет новинарство, слобода на говор на интернет и слично. Слободниот софтвер доби своја посебна работилница.

Дознајте повеќе за конференцијата на сајтот www.e-society.org.mk. И не пропуштајте да се регистрирате бидејќи ова е една од ретките прилики да се поразговара на овие теми кај нас. Секако, пренесете ја информацијата и до Вашите пријатели и колеги.

21.10.2006.

Вистината

Подредено под: Општа, Интересно, Блогови, Video — Јован @ 1:59

Избришав еден коментар денес. Заканувачки и потпишан со сајтот на МВР и потекло од Синсинати. Демек јас нешто битно правам со блогов, и демек тој ме уплаши. :)

Кога сме веќе околу Синсинати, ми текнуваат две работи. Една стара смешна серија за радио водител, WKRP in Cincinatti. Не беа лоши. И второ - знам еден куп нашинци кои живеат таму, ама со ниеден не сум во лоши односи (или барем јас така мислам).

Него друго ми е муабетот, на јутјуб се појави видео кое во 2 минути ја содржи комплетната вистина за Македонија и македонското потекло. Не ни сум знаел дека некои од овие типови биле македонци. Да бидам македонец а да не знам… :)

6.10.2006.

Недовршени работи…

Подредено под: Општа — Јован @ 18:22

… се како недовршени колачиња. Поминал интересниот дел, досадиле, сте ги оставиле за подоцна. А како повеќе стојат толку повеќе се сушат. И да ги дојадете, тоа ќе биде „зорле“.

Јас имам една недовршена работа. Требаше да му се јавам на еден драг пријател, да договорам една средба поврзана онлајн содржина. Но предобриот, тивкиот, несебичниот Николче Гајдов починал. Многу пред своето време. Замина тивко како што и живееше. Неговите документарци, енергија за културната преродба на градот, желбата да разговара за интересни теми буквално со часови… Сето тоа заврши.

И кога човек е тивок, нема да осетиш колку ти бил близок и недостигал се додека навистина не си замине.

Имав многу интересни идеи заедно со Николче. Сакавме еден ден да започнеме наша приватна продукција за нови медиуми. И тоа најмалку заради парите, а најмногу заради љубовта кон создавањето.

Ова е најголемото недовршено колаче во мојот досегашен живот. Не дека останатите проблеми се мали, но барем има време да се средат и надминат.

Пријателе не жалам по тебе, биди среќен онаму кај што си. Не сакав да пишувам за ова, навистина… Ми тежи секој ден, се повеќе. Морав да кажам колку многу те почитував.

29.8.2006.

Сушиманија

Подредено под: Општа, Глобализација, Претприемништво — Јован @ 14:37

После многу фалениот тајландски ресторан во Прилеп, Скопје го доби својот прв суши бар. Искрено, ова е една од моите омилени работи, до сега резервирана само за посетите во другите земји. Пофалба за претприемничкиот дух!

27.8.2006.

Earth Tools

Подредено под: Општа — Јован @ 23:28

Ми требаше онлајн сервис кој ќе ми даде точни географски координати И елевација (т.е. надморска височина) на специфична точка во Македонија. Сакав да ја испробам мојата нова самонаведувачка ракета па… Упс тоа не е за на блог. :)

И го открив Earth Tools кој доколку имате просторна ориентација ќе Ви заврши работа.

Во овој пример одлучив да го измерам скопскиот градски стадион (бидејќи е лесно видлив и е јасно што правам):

Earth Tools

Пребарувате по држава / град. Потоа се ориентирате до Вашиот кварт, цело време зумирајќи доволно за да се снајдете во маалото но и не премногу да изгубите ориентација низ улиците и зградите. Кога конечно ќе го најдете Вашиот балкон (на пример) обидете се „метата“ (црниот крст на средината на мапата) да го наместите точно врз местото за мерење. Сега од левата страна можете да ги прочитате прецизните географски координати, елевацијата, точното време во моментот „на лице место“ и времето на изгрејсонце и зајдисонце кое вклучува и можност да си испечатите календар за целата тековна година. На пример за скопскиот стадион основните координати се:

42.0057°N
21.4256°E
Надморска височина: 248m

Сега останува некој кој има добар GPS со можност за мерење на надморска височина да застане на средина на стадионот и да ги измери точните вредности. Така ќе може да се покаже со колкава точност се податоците кои се достапни преку овој сервис кој во позадина ги користи Гугл Мапите. Има уште една можност, но немам време во моментов (да се измери пистата на Скопскиот или Охридскиот аеродром, и да се споредат координатите и податоците за елевација со меѓународните авио-бази).

Претпоставувам дека има резолуција на податоците за надморска височина, но колкава е таа, искрено не можам да кажам. Од мои мерења („од рака“) би рекол дека резолуцијата е 50 метри или помала , што е сепак употребливо за мојата намена.

18.7.2006.

Sailing alone

Подредено под: Општа, Политика и општество — Јован @ 2:37

Отсекогаш сум им се воодушевувал кои имаат потреба и желба од идоли и лидери. Не дека на моменти не сум влегувал во такви „сценарија“. Она што секогаш е точно е:

  • секогаш го идеализираш својот идол
  • никогаш не се поклопуваат твојата и неговата идеологија. Впрочем вообичаено тој/таа и нема некоја напредна идеологија освен прибирање на пари или слава, на што сесрдно им помага природната харизма
  • идолот секогаш се интерпретира од субјективен апсект, апроксимацијата создава погрешни верувања потхранети од волјата за следење и непризнавање дека сте ја избрале погрешната опција (во овој случај - идол)
  • идолот, како и повеќето луѓе, со време ги менува ставовите. Забавно ми е кога следбениците групно си газат врз својот интегритет и постапуваат спротивно од своите убедувања. Не заради тоа што некој успешно ги разубедил, туку едноставно заради тоа што идолот така рекол. А тоа нели, мора да е точно. Дури и да нема наведена причина, ќе се склопи некоја прикладна конспиративна приказна за да се поткрепи одлуката.
  • Особено на овие простори идолопоклонството е скоро обврзувачко. Секој мора да има свој лидер, кој ќе го просветли, ќе му го спаси животот, ќе владее транспониран како полубожествено битие
  • Никој нема да признае дека идолот тропа глупости. Не дај боже!

Секако дека определено ниво на организација и нивоа на апстракција - идеологија, хиреархија и тимска работа се неопходни, но не по цена на апсолутизам. Во државни органи, во фирми, институции и медиуми. (Не зборувам само за политички идоли).

Чекор напред е да признае човек дека идолот правел грешки што е проследено изневереност и заклучок дека идолот не мисли на него (т.н. „себичност“ - мое прашање - а зошто воопшто би мислел на луѓе кои воопшто не ни ги знае?). По завршувањето на оваа фаза преоѓаме рехабилитација од потребата да се следи. Проблем со овој процес е честиот неуспех што резултира во започнување на следење на новоизбран идол, кој „мора да е чесен, многу е подобар од претходниот“. И така во недоглед.

Секој си плови сам. Точно е - го имаме семејството, бизнисот, државата да се погрижат и социјализираат, но идолите на никого не му донеле добро. Концептот на модели е сосема друг и се базира на учење на добрите лекции, т.н. кејс стадија. Јас на пример сум еден од оние кои му се воодушевуваат на Черчил и неговите „крв, пот и работа“. Но никогаш не би можел да признаам дека се работело за најпаметниот политичар, можеби еден од поискрените - што секако е доблест.

Нека те следат добри ветришта морнару и следи ги ѕвездите. Тие никогаш никого не излажале…

Наредна страница »
 


Author: Jovan Petrov. Some rights are reserved.