Мојот прв лет
01.09.2008.

Крај на осумдесетите (слободна проценка 1988, значи пред 20 години). Летав по прв пат. Кратка чартер релација Скопје - Дубровник. Мекдонел Даглас ДЦ-9-32 на Адрија.
По чекирањето и контролата поминавме на отворениот дел кон пистата. Единствен отворен влез беше на опашката (со скали слични на Канадерите). Моторите веќе беа вклучени, па пред самото влегување во кабината беше толку бучно што не можеше сопствените мисли да си ги слушнеш. Седиштата беа по принципот first come first served. Ја имав среќата да го погледнам кокпитот кој иако ме фасцинираше со сите можни сигнали и стрелки сепак беше забележливо стар.

Летот беше интересен. Првиот впечаток на брзиот залет и полетување тешко може да се повтори. За жал не можам да кажам дека уживав во остатокот од летот заради големиот број воздушни џебови и повремените турбуленции. Но летот назад, на прекрасно сончево време и полетувањето врз морето го надоместија впечатокот.
Отсекогаш сум ги сакал авионите, а како помлад имав желба да бидам пилот. Сега летањето (како патник) е дел од ангажманите на деловен план со барем неколку патувања годишно (кога бев активен во НВО тоа беше неколкукратно повеќе пати).
Иако до денес збирно имам троцифрен број на летови, никогаш нема да го заборавам ДЦ-9 како моја прва љубов на небото.