T-Home MK се рекламира на Фејсбук
26.06.2008.
Последно време прочитав неколку текста за проблематиката со рекламирање на социјалните мрежи. Воедно имав можност на истата тема да поразговарам со двајца кои се експерти од областа на интернет маркетингот. Сите се сложуваат дека главната болка е неможноста за квалитетно таргетирање на огласите што заради хетерогеноста на мрежите на пријатели, а што и заради огромниот број на прикажани страни на овие сајтови без јасна и квалитетна конверзија во кликови. Резултат на ова е екстремно ниската цена на рекламирање според моделот CPM, заради практично никаквото таргетирање.
Но денес бев изненаден не само од огласот на македонскиот Телеком на Фејсбук туку и од констатацијата дека и покрај генералните трендови кои се против рекламирање на овакви сајтови, Т-Хоме всушност може да има поголем бенефит отколку просекот, па и да добиеме успешен случај / приказна. Еве на кратко зошто го мислам тоа:
- Рекламирањето на социјалните мрежи се прави најмногу за брендинг. Телеком континуирано има буџет за овој вид на кампањи.
- Телеком најверојатно има доставено опсези на ИП адреси (како на нивните така и на конкурентите) и претпоставувам дека кампањата е таргетирана на национално ниво. Со тоа не се губат пари вон границите на пазарот.
- Посетителите на фејсбук се млади, претежно учени луѓе кои интензивно користат интернет и останати комуникациски услуги. Дури и лично да не ги плаќаат сметките (помладите групи, студентите), тогаш барем имаат клучно влијание во кроењето на домашниот буџет за оваа намена. Тоа значи дека родителите кои немаат потреба од интернет, одлуката ќе ја препуштат на своите деца.
- Цената на рекламирање со оглед на дифузноста е релативно ниска, што во споредба значи дека кога јас би бил Т-Хоме и Т-Мобиле под итно би ги повлекол сите кампањи од глупави ОнНет клонови со имиња на разни прехрамбени продукти и би ги инвестирал на овој поиновативен начин.
Забележав дека најваројатно посредник е httpool интернет маркетинг агенцијата. Сега неколку критики:
- Банерот е многу лошо скалиран (текстот не е читлив). Ова под итно да си го средат.
- Не забележав референца за следење на доаѓачкиот сообраќај. Со оглед на тоа дека посредник е httpool, претпоставувам дека перформансите на кампањата се мерат таму.
- Банерот „скока“ кон насловната страна на Телеком. Јас лично би одбрал еден клучен производ кој во моментот го рекламирам и би ги носел корисниците директно до страната која има детален опис и можност за нарачка.
- Освен доколку не се работи за добивка, сметам дека долгорочно е паметно директно да се соработува со Фејсбук, т.е. без посредници.
27.06.2008. at 09:05
добар пост.
се сложувам со грото од работите.
фејсбук кај нас расте (според Гугл Трендс Вебсајтс), а т-хоум/мобиле е докажан како прв рекламаџија, така што ова е нормален продолжеток на ширењето на нивните медиуми. е сега финтата е што голем дел од тие „прехрамбените“ сајтови држат солидна посета, па затоа лесно не би се откажале од нив (а мислам дека имаат посебни договори со кои не ја плаќаат номиналната цена на рекламирањето, туку пониска.)
само уште ова, и јас мислам дека штета е толку рекламирање да се сведе само на отворање на хоумпејџот.