Со новиот број на месечникот за ИТ професионалци Мрежа започна нова пракса увезена од странство - издавање на White Papers. Иако повеќето документи од овој формат што ги имам прочитано потекнуваат од корпорации, владини и невладини институции ќе си го дадам тоа право да го коментирам квалитетот на првото издание (PDF) кое се осврнува на состојбата на хрватската ИТ индустрија, особено од аспект на човечки ресурси.

Прво добрите страни - документот очекувано е интересно форматиран иако му недостасува некој вид на навигација. Јазикот е јасен и читлив. Има неколку работи кои ги имам прочитано по прв пат што е позитивно, намената на овие документи помеѓу другото е и да едуцираат.

Но за жал има повеќе лоши страни. Прво целиот текст е пишуван од прво лице како една подолга колумна. Во себе содржи доста его елементи („јас знам“, „јас како член на управен одбор на тоа и тоа дебатирав таму и таму“). Дефинитивно на еден типичен документ од овој формат му треба деперсонализација и барем виртуелна независност.  Тоа не води до вториот заклучок - документот нема јасна структура - што е контекст, што е опис на ситуација и што е решение на дадената ситуација. Контекстот е премногу општ со доста hear-say и без јасна поврзаност со остатокот од текстот.

Кога сме веќе околу решенијата, авторот не се ни труди да го пронајде. Се завршува со концептот „се надеваме се ќе биде во ред и ќе се најде решение“ без да се даде вистинска смерница или барем да се направи елементарен обид во таа насока - па ако треба и да создаде по некој непријател.

Неформалноста, нефокусираноста и немањето на суштинска тежина се трите гревови за кои што би пресудил дека и Мрежа и Иво Шпигел ќе си поминеа многу поарно доколку воопшто не објавеа оваков документ. Според мене експериментот е неуспешен.


Коментари