Radiohead - In Rainbows
02.10.2007.
In Rainbows е најновиот албум на Radiohead. Тој неочекувано се појави во пред-продажба на интернет и тоа со многу интересен модел за опцијата за преземање - сами ја одредувате цената.
Бидејќи ќе биде објавен на 10-ти октомври, одлучив да почекам бидејќи не сум љубител на претплати. Но кога ќе дојде тој ден, најверојатно ќе станам среќен сопственик на нивниот нов албум.
Нормално, почнав со онаа „македонската“. Внесов 0,01 фунти. И ми ја прифати цената. Ја гледав купувачката кошничка и си мислев „зарем нивниот труд вреди помалку од продавачите на ЦД-а на пазар?“. Можеби со искривена логика (а јас би рекол баш на место), дојдов до една многу прагматична одлука.
На времето кога памтам ЦД-ата се продаваа прво по 200, па 150 и на крај 100 денари. Да вложам најмалку труд и да купам празно ЦД од продавницата под мојот влез ќе ме чини 12 денари. Одзедов 12 денари од една стотка и кога ја претворив сумата во фунти дојдов до (скоро) точно една фунта.
Дали Radiohead ја заслужиле мојата фунта (шекспировско прашање :)?
Би рекол да заради тоа што:
- многу ретко некој поштено се испонашал како нив, викаат еве го ова а ти колку мислиш дека вредиме дај ни
- историски гледано, Рејдиохед растураат. Нема причина зошто би се посомневал дека новиот албум нема да го бива, кога едно-две се фиксам на дозите кои ми ги припремија претходно
- ќе ми биде ќеиф парите да му ги дадам не на пиратот, не на државата (простете), не на некој тип со мала мал мозок и големо конто кој се нарекува „музичка индустрија“ туку на авторите. Единствениот посредник се банките, но тие поштено ја овозможија оваа електронска револуција, па на некој начин си ги заслужиле провизиите.
Единствено се надевам дека нема да ја уништат забавата со DRM. Верувам искрено дека ќе соберат многу повеќе пари отколку да одат по класичниот начин на дистрибуција.
Конечно - легална квалитетна музика за 100-ка.
Нормално дискот во ексклузивна варијанта со додаток - винил плоча е достапен за нарачка за вистинските колекционери. Обичното ЦД ќе се појави во продавници во 2 008.
Браво Рејдиохед!
(линк: Билборд, In Rainbows - официјален сајт и нарачка)
Коментари