Ова не е вест за нова жртва на национализам.

Не е ниту обид да се подгрее националистичкиот сентимент на Македонецот.

Не е ниту повик за каменување на амбасади, супермаркети или што и да е.

Напротив, ова е повик да се земе учество во еден настан со кој можеме да се спротиставиме на целото безумие. Грчките граѓани се пред се’ луѓе, и голем дел од нив немаат никаква врска ниту со државната ретроградна фашизоидна политика, ниту пак со ордите од глупаци кои малтретираат граѓани по патиштата. Воедно, не сите македонски граѓани се вжештени глави кои “мразат се’ што е грчко” и кои едвај чекаат да фрлат камен на канцеларијата со врски.

Во сабота, на 17 мај, во земјава пристигаат (барем најавени се) 50тина грчки активисти од различна провиниенција, воглавно левичари, антимилитаристи и прогресивци, кои ја признаваат Република Македонија под уставното име и се залагаат за изградување на добри меѓусоседски, меѓуетнички, но пред се’ меѓучовечки односи.

Тие ќе бидат пречекани и од други огранизации и групи на граѓани од Македонија, по што ќе се одржи заедничка трибина под наслов “Македонско - грчки дијалог”, под мотото “Вето за национализмот, ембарго за милитаризмот, надвор од НАТО!”. Настанот ќе се одржи со почеток во 13 часот во Хотелот “Континентал”. Влезот е слободен за секој добронамерник.

По трибината, групата составена од македонски и грчки граѓани ќе се упати кон Паркот на Жената Борец, каде што ќе биде положено цвеќе на споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија, како потсетување на тоа каде може да не однесе национализмот.

Мир, љубов, емпатија!

Извор: ВУНА


Коментари