За идеологијата
26.09.2008.
Контролата на умот започнува со контролата на информациите. Добро се сеќавам на почетокот на „демократијата“ кога пред МРТВ (тогашно РТС) група разулавени националисти ја зазедоа куќата (да бидеме реални - ја искршија само влезната врата). Едно од нивните барања беше - да се отпуштат сите новинари чии презимиња завршуваат на -иќ.
Многу години подоцна ситуацијата е иста. Политичарите се борат за контрола врз медиумите, а победува оној кој има пристап до нашите даночни пари. Заради тоа секој ден гледајќи ги вестите човек се запрашува - дали се работи за посебни институции или за роботизиран систем на пренос на истите приказни во различна модулација (од партиски војници до неопределени). Според Најчевска рекордни 2% од буџетот се трошат за реклами. Видете што остана од МРТ, простете на изразот - по 20 години политичко силување изгледа на истрошена проститутка која никој повеќе нејќе да ја погледне па наместо стечаен и доделија пимп.
Но атмосферата не е толку униполарна ниту биполарна (вториот пол се запил во кафана). Согледувајќи го општеството ја имаме ситуацијата на меинстриминг на стрејт културата (групно размислување, делени културни кич вредности, веронаука, заеднички навики како дневно перење на мозоци со вести, посетување на кладилници, верглање на истите муабети, наоѓање на внатрешни и надворешни непријатели итн). Безизлезноста проектира финиш за кој не треба да се трудиш да го промениш. Едноставно прифати ја самоизолацијата, вековната неправда и античкиот ген и уживај во нормалноста и „моралноста“.
Но врхушките на тајните служби, чија цицка годинава нарасна небаре до сега се хранеле на млеко во прав, за наша среќа се конзервативни типови. Многу луѓе погрешно ги поврзуваат со дадена партија. Тие се надпартиски, или уште подобро кажано - беспартиски. Конструкторите на нормалитетот и деструкторите на анархистите и „предавниците“ превиделе една голема работа. Интернетот е многу повеќе од порно и „курсаџии“TM.
Комуницирајќи со повеќе луѓе чувствувам дека новата маргина расте од ден за ден. Од друга страна лидерите на „меинстримот“ очигледно не студирале математика. Никој не им кажал дека 4 х 80% не се 80% туку можеби и само 40%. Оние кои се декларативно за една работа (пр. веронаука) не се нужно истите оние кои се и за некоја друга работа (пр. хунзопоклоништво). И така полека, но сигурно меинстримот се ситни - од ден за ден, од струмичанец до стечаен работник, од земјоделец до студент, од наставник до родител, од Авганистан до Ирак, од Кофи Анан до Бан Ки Мун, од Лисабон до Букурешт, од 15 септември до крајот на ноември кога секоја година добиваме се поголема корпа од ЕУ. Да не зборуваме за оние „анархистине“ кои слушаат 103, блогираат и зборуваат нешто против црквата па мораме ете да ги анатемисуваме по трибини. Што би рекол тажниот Мирчев, народнофронташи. На чело со Букарски и Вуната.
Но отпорот е беспредметен, интернетот е отворен, младите прогресивни НВО-шпиони и грчки слуги одамна го прошетаа светот, го видоа Брисел, запалија луле на мирот во Амстердам, беа на аџилак во Берлин, но отидоа и на Егзит па ете дури и среде Атина. Нема назад. Дали бесперспективниот биполаритет кој ја базира својата моќ на дегенерација изумира? Или алтернативно - дали опозицијата ќе изникне од место од кое никој не се надева? Од место во кое не може да се контролираат информациите?
26.09.2008. at 07:17
нема
26.09.2008. at 07:46
Море има има….
26.09.2008. at 13:18
грешка си новица… со то што, ми се чини дека опозицијата воопшто нема да биде таква како што очекуваме (класична)
едноставно со тек на време и позицијата и опозицијата ќе стануваат се помалку релевантни
26.09.2008. at 15:38
Јас имам друго убедување: што и да прават политичарите, економијата ќе го „испегла“.
Сакам да кажам дека на крај сите работи секој ги гледа низ стомакот - и хунзашите, и националистите, и погодените од законот за алкохол …
Нашата економија нема бескрајно пари, ниту пак имаме нафта во дворот - еден ден се` ќе секне, а тогаш први виновници ќе бидат политичарите. Кога Грујо (или, без оглед, некој БЦ) ќе дотрошат она што има да се дотрошува - ќе дојде часот на вистината. А, се плашам, не сме далеку од тоа…
26.09.2008. at 17:58
Камо навистина дотолку да беше силна Мрежата, односно да ја користеа и Перо, и Спасе и Трајанка, па да можеше да се иницира селска буна. За жал, изгледа дека сепак нема доволно критична (сива) маса за идеолошка револуција. Луѓево плус се навикнати вечно да чекаат спасител.